Uncategorized

ДНК со голем славенички концерт во Метрополис Арена!

By February 27, 2017 No Comments

Панчо и Андреј од аренби двоецот ДНК и официјално за 12 мај (петок) го најавуваат големиот славенички концерт, што ќе се одржи во Метрополис Арената.

Славенички затоа што концертот значи одбележување 15 години од нивното постоење на македонската музичка сцена, но воедно и концертна промоција на нивниот последен студиски материјал насловен „Уште еден ден“.

Омилени кај публиката, но и меѓу артистите на домашната музичка сцена ДНК редовно соработуваат со многу од најпопуларните изведувачи кај нас, па и ова концертно другарување ќе резултира со многу гостувања на атрактивни имиња. Браќата Тавитјан, Тамара Тодевска, Магдалена Цветковска-Ена, Роберт Билбилов, Дарко Илиевски… се само дел од домашните имиња кои ќе ги видите и чуете на сцената во Метрополис Арената на 12 мај (петок).

Вратите на Метрополис Арената ќе бидат отворени од 20:00, а стартот на концертот е закажан во 21:00 часот.

За загревањето на атмосферата ќе се погрижат диџеите Ајри Скреч, Фити Флоу и Нести. И тоа не е се, зашто се подготвуваат уште неколку изненадувања, односно на сцената ќе има уште неколку специјални гости.

На големиот концерт во Скопје, кој не случајно се одржува токму во Метрополис Арената, каде во 2011 момците го одржаа својот прв солистички концерт, ДНК во придружба на својот бенд во живо ќе отпеат темите од последниот албум, но и најголемите хитови од нивната 15-годишна кариера како: „Срце“, „Што сака нека биде“, „Север и Југ“,„Она е од Шутка“, „Авион“, „Само таа знае како“, „Најмила“, „Стојам сам“, „Навлечен на тебе сум“, „Полна месечина“, „Навлечен на тебе“… Во 2011 ДНК пееја во Метрополис Арената, следната година го потврдија својот статус со unplugged концерт, а сега, на 12 мај (петок), повторно се враќаат во Метрополис Арената подготвени да го надминат рекордот кој го поставија пред 5 години, зашто на своја страна имаат два одлични поводи – прослава на новиот јубилеј 15 години постоење на ДНК и концертна промоција на новиот албум.

Билетите за концертот во продажба ќе бидат пуштени од 6 март (понеделник), a ќe може да се набават преку продажната мрежа на Мктикетс и истите до 24 април ќе чинат 200 денари, за фан питот 300, а за ВИП делот 400 денари. Од 25 април влезниците ќе се продаваат по цена од 300 денари, за фан питот 400, а за ВИП делот 500 денари.

Концертот е во организација на ДНК и Горила продукција.