Uncategorized

Нов спот за ‘Аеродром’

By October 25, 2016 No Comments

Рнб двоецот ДНК не мирува и за фановите, по втор пат неделава, во етерот пушта уште едно видео. Станува збор за проект кој е посебен од се досега сработено зашто е посветен на маалото на Панчо и на сите горди “дромци”.

“Како горд аеродромец направив песна за тоа како јас го гледам мојот Аеродром каде што живеам во последните 36 години. Идејата ми дојде кога бев на краток одмор и веднаш ја реализиравме со Лазар, а потоа и со Томато продукција на чело со Бане Поповиќ, кој направи одличен видеозапис”, вели Панчо, кој заедно со Лазар Цветковски идејата ја преточил во реалност.

Станува збор за видеоприказна во која освен што се прикажани убавините на маалото на гордите дромци, туку на едно место ги има собрано и некои од најпознатите жители на оваа скопска општина.

“Песната ја напишав од ќеф и душа. Приказната во спотот е фокусирана токму на Аеродром и неговите маала, на сите убави и позитивни нешта кои ги има во нашата прекрасна населба. Од срце им благодариме на сите артисти, уметници и спортисти кои зедоа учество во овој наш проект и кои се чувствуваа горди аеродромци да го направат тоа без трошка двоумење. Им благодариме и на тие што не сакаа да учествуваат, а беа поканети. Причините си ги знаат самите, па ако сакате да ги дознаете ќе мора да ги контакрирате самите. Се изинуваме ако некого не сме поканиле – не било намерно. Целта ни беше да се спојат сите аеродромци за да види цела Македонија колку плодна општина сме и колку даваме за државата. Во спотот учествуваа исклучиво аеродромци и воопшто немаше место за етничка или партиска поделеност… Благодарност и до тимот и раководството на МЗТ Скопје што ни овозможија да “украдеме” дел од нивниот тренинг за момците да се појават во видеото бидејќи токму овој клуб е најголемиот симбол и гордост кој доаѓа од Аеродром”, уште вели Панчо, кој го потпишува текстот, со Лазе е коавтор на музиката, додека аранжманот е на Лазе.

Во кадрите од видеото за “Аеродром” освен Панчо и Андреј ќе ги видите: Мартин и Стефан-Некст Тајм; Столе Стоилов, ракометар; Владо Георгиев-Владич, музичар; Јане Карајованов, пливач; Сара и Ана, музичарки; Дарко Илиевски, естраден уметник; Танче Гроздановски, музичар; Сара Мејс, естраден уметник; МЗТ–Скопје; Зоран Џорлев, музичар; Дарко Тасев, музичар; Марко Новески, ТВ-водител; Викторија Лоба, естраден уметник; Катерина Шехтанска, актерка; Александар Шехтански, актер; Бобан Грнчаров, фудбалер; Тони Грнчаров, кошаркар; Зоран Бошковски-Чоко, фудбалер; Мартин Стефановски, пливач; Александар Бајевски, фудбалер; Димитар Мечкаровски, интернационален фудбалски судија.

Темата нема да биде ставена на ниту еден носач на звук, туку, како што вели Панчо, во домашната музичка историја ќе остане како спомен и посвета на една општина, која, според него, е град во град, како што впрочем и е напишано на самиот почеток од песната.