Uncategorized

Рнб двоецот ДНК деновиве е во невозможна мисија!

By March 30, 2017 No Comments

Сцените како на филм – убава девојка… сиромав селанец… богат бизнисмен… нива… трактор… бркотница… скршено срце… И не станува збор за некоја акциона сцена, туку сето е дел од приказната во новото видео на Панчо и Андреј за темата насловена “Невозможна мисија”.

Станува збор за комплетно нова песна зад која како автори се потпишуваат Панчо и Лазар Цветкоски, додека видеото е во реализација на Даниел Јовески, со кого на момците од рнб двоецот ова им е прва соработка.

Сцените се снимани на неколку интересни локации во Охрид и во неговата околина, поточно во ексклузивниот угостителски објект Мистер Ај и во селото Лакочереј. Приказната, пак, всушност е битка за љубовта на убавата девојка. Битката ја бијат сиромавиот селанец и богатиот бизнисмен. Селанецот кој безрезервно се вљубува во девојката решава да ја продаде својата нива, единствениот извор на средства за егзистенција, само за да купи ексклузивен автомобил Исузу Ди макс со кој би ја фасцинирал. И откако ќе се реши на овој чекор само за да го освои срцето на својата љубена, во чија улога се појавува Симона Станковска, инаку членка на модното студио Црнокрак, се случува пресврт…

“Мислам дека направивме одлично видео, ова ни е прва соработка со Даниел, но навистина сме задоволни како излезе се”, вели Панчо, кој во спотот го глуми заљубениот селанец.

Премиерата на темата и спотот со наслов “Невозможна мисија” е закажана на 2 мај, месецот во кој двоецот го закажа и својот славенички концерт, и тоа на 12 мај во Метрополис арена.

Билетите веќе се пуштени во продажба, почетните цени на влезниците, односно до 24 април се со промотивна цена од 200 денари за партер, 300 за фан пит и 400 за ВИП, а од 25 април ќе бидат поскапи за 100 денари (300 за партер, 400 за фан пит и 500 за ВИП). Истите можат да се набават преку продажната мрежа на МК Тикетс, а заедно со Андреј и Панчо ќе слават и нивните специјални гости Роберт Билбилов, Магдалена Цветкоска – Ена, Дарко Илиевски, Тамара, браќата Тавитјан…