Uncategorized

ДНК снимија видео запис за Опуштено

By May 7, 2016No Comments

Издавањето на албумот „Срце“ чиј што прв тираж беше распродаден во рекордно време, концертни настапи за промоција на истиот, хитови на радио станиците, снимени видео записи и признанија од медиумите се само дел од нештата по кои Р&Б дуото ДНК ќе ја запамти минатата 2013-та година. А на самиот крај на годината во опуштена атмосфера, токму како што наложува и самата нумера, Панчо и Андреј заедно со своите пријатели и соработници снимија видео запис за песната „Опуштено“ која Панчо ја напиша и посвети на својот пријател од Хрватска, ДЈ Бронсон, кој пред две години почина од рак. – Оваа песна ми значи многу. Ја напишав во тежок период за мене затоа што изгубив пријател кој го сакаше животот , а тој ја изгуби битката со ракот. Баш затоа, да му се подаде рака на оној на кој му е потребна помош, да се негува животот затоа што е премногу краток, да се шири позитивна енергија и да се живее секој ден како да е последен се клучните пораки во „Опуштено“ – изјавува Панчо. Спортисти од неколку конкурентски клубови, новинари од различни редакции и медиумски личности се главни протагонисти кои со многу насмевки ќе и ги доловат на публиката овие пораки во видеото што го режираше долгогодишниот соработник и пријател на ДНК, Владимир Митревски Ѓуле. – Целта ни беше да ги споиме конкурентските спортисти и новинари и да покажеме дека и покрај различностите, сепак треба да шириме љубов и позитива, да ги надминеме сите недоразбирања и бариери, да бидеме благодарни на она што го имаме, да бидеме хумани, да се сакаме, и да сфатиме дека богатството е во вистинските пријатели – вели Андреја. Аранжманот на Опуштено го направи хрватскиот продуцент Марвел, музиката и текстот се на Панчо, а песната ја испродуцира Дарко Димитров во неговото студио Димитрови каде што беше и снимена истата.

 

Видео записот ќе биде промовиран на почетокот на февруари, за кога ДНК на скопската публика и најавуваат клубска свирка со бенд во живо.